МК | SHQ | EN
 
ДРЖАВЕН ИНСПЕКТОРАТ ЗА ЛОКАЛНА САМОУПРАВА

Надлежноста и организацијата на Државниот инспекторат за локална самоуправа, видовите и постапката за вршење на инспекцискиот надзор, овластувањата на инспекторите, соработката со органите на државната управа, граѓаните како и со други физички и правни лица, е регулиран со посебен закон – Закон за државниот инспекторат за локална самоуправа. Инспекторатот, работите од својата надлежност ги врши преку:

- Директор на Инспекторатот.

- Инспектори за локална самоуправа.

Внатрешната организација на Инспекторатот, на предлог на директорот во согласност со закон, поблиску ја утврдува Министерот за локална самоуправа со актите на внатрешна организација на Инспекторатот.

Инспекцискиот надзор го врши Државниот инспекторат за локална самоуправа како орган во состав на Министерството за локална самоуправа. Предмет на надзор е надзор над законитоста на прописите на општините а воедно се опфаќа и надзорот над постапката за нивно донесување.

Во вршењето на својата надлежност и работа, Државниот инспекторат за локална самоуправа се води според начелата на:

- Законитост и супсидијарност – во склоп на ова начело Инспекторатот обезбедува правна сигурност и извесност со: почитување на обврската сите прописи кои се донесуваат од страна на Советот на општините да бидат во согласност со Уставот и законите, како и постапување и одлучување во согласност со Уставот на Република Македонија, закон, ратификувани меѓународни договори и со други прописи донесени врз основа на закон. Во случај одредени прашања да не се дефинирани во Законот за државниот инспекторат за локална самоуправа, за нив се применуваат одредбите од Законот за локалната самоуправа и Законот за инспекциски надзор.

- Начело на транспарентност, јавност и отчетност - на барање на правни и физички лица, Инспекторатот е должен да им обезбеди пристап до информациите кои се однесуваат на работењето на Инспекторатот, како и до други информации за кои тие ќе покажат интерес, освен за оние за кои со закон не е дозволен пристап. Инспекторатот има обврска редовно да ја информира јавноста за својата работа.

- Начело на еднаковост, непристрасност и објективност - Во вршењето на работите од својата надлежност, Инспекторатот е должен да обезбеди еднаква, непристрасна и објективна примена на законите и другите прописи.

- Начело на самостојност и независност - Инспекторот потполно самостојно и независно врши инспекциски надзор над законитоста на прописите и постапката за нивно донесување и врз основа на правно релевантни факти утврдени во доказната постапка, подготвува акти со кои предлага конкретни решенија.

- Начело на превенција - За превенција од појава на материјална штета и правна несигурност како последица од примената на прописи на општината кои не се во согласност со Уставот и законите на Република Македонија, Инспекторатот презема мерки и активности согласно со правилникот за инспекциски надзор.

Инспекторот самостојно ги врши работите од инспекцискиот надзор и превзема мерки за кои е овластен со закон. Инспекцискиот надзор се врши во текот на работното време. За денот, содржината и обемот на инспекцискиот надзор, инспекторот го известува граданочалникот и претседателот на советот на општината во која ќе се врши надзор, најдоцна седум дена пред денот кој е определен за вршење на надзорот.

Инспекцискиот надзор може да биде:

- Редовен инспекциски надзор

- Вонреден инспекциски надзор

- Контролен инспекциски надзор

Инспекторатот има надлежност и за поведување на иницијатива пред Уставниот суд на Република Македонија за утврдување на уставноста и законитоста на прописот. Ако инспекторатот во вршењето на инспекцискиот надзор утврди дека има основано сомнение за постоење на прекршок или кривично дело, инспекторатот е должен да поднесе пријава за поведување на прекршочна или кривична постапка од соодветните органи.




Loading





СЛЕДЕТЕ НЕ НА
Facebook   Twitter
РАЗГОВОР НА ТЕМА     |     ЛИНКОВИ     |     НПП     |     АНКЕТИ    
© Copyright 2012 | Министерство за локална самоуправа | Сите права задржани| Powered by EntireLogic