МК | SHQ | EN
 
ВЕБ ПЛАТФОРМА – ДАЈ ПРЕДЛОГ

Интернет страната - дај предлог, во својата основа ја има идејата да добива навремени информации од граѓаните во однос на проблеми од локално значење, како и од донесени општински одлуки со кои тие не се согласуваат, не се во прилог на општинското население или се незаконски. Исто така оваа интернет страна овозможува и поедноставна и почеста комуникација на граѓаните со институциите, во конкретниов случај со Министерството за локална самоуправа како и со Државниот инспекторат за локална самоуправа. Секој издржан предлог од страна на граѓаните, ќе биде земен во предвид, јавно објавен на интернет страната – дај предлог, како и конкретните мерки и активности кои ќе бидат превземени од страна на Министерството за локална самоуправа и Државниот инспекторат за локална самоуправа во однос на решавање на изнесениот проблем. 

Начинот на кој што граѓаните ќе можат да ги оставаат своите предлози, критики и проблеми во однос на Одлуките донесени од страна на Советот на општината, е едноставен и истиот се прави со кликање на менито дај предлог, каде што го оставате вашето име и презиме, меил адреса за контакт (доколку е потребно) општината во која што живеете како и предлогот во однос на прописот за кој што сметате дека истиот може да се подобри. По добиениот предлог и преглед од страна на веб администраторот, истиот ќе биде објавен на интернет страната. Во делот пак на менито – листа на предлози, ќе може да го најдете Вашиот предлог со одговор од страна на Министерството за локална самоуправа и од Државниот инспекторат за локална самоуправа. 

Во согласност со важечките законски прописи во Република Македонија, како и со процесот на децентрализација, општините во Република Македонија ги имаат следниве надлежности:

- Урбанистичко (урбано и рурално) планирање, издавање на одобрение за градење на објекти од локално значење утврдени со закон, уредување на просторот и уредување на градежното земјиште.

- Заштитата на животната средина и природата - мерки за заштита и спречување од загадување на водата, воздухот, земјиштето, заштита на природата, заштита од бучавата и нејонизирачкото зрачење.

- Локален економски развој - планирање на локалниот економски развој, утврдување на развојните и структурните приоритети, водење на локална економска политика, поддршка на развојот на малите и средните претпријатија и на претприемништвото на локално ниво.

- Комунални дејности - снабдувањето со вода за пиење, испораката на технолошката вода, одведување и пречистување на отпадните води, јавно осветлување, одведување и третманот на атмосферските води, одржување на јавна чистота, собирање, транспортирање и постапување со комуналниот цврст и технолошки отпад, снабдување со природен гас и топлинска енергија, изградба, одржување, реконструкција и заштитата на локалните патишта, улици и други инфраструктурни објекти, регулирање на режимот на сообраќајот, изградба и одржување на уличната сообраќајна сигнализација, изградба и одржување на јавниот простор за паркирање, отстранување на непрописно паркираните возила, отстранување на хаварисаните возила од јавните површини, изградба и одржување на пазарите, одржување и користење на парковите, зеленилото, парк- шумите и рекреативните површини, регулација, одржување и користење на речните корита во урбанизираните делови, определување на имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти.

- Култура - институционална и финансиска поддршка на културните установи и проекти, негување на фолклорот, обичаите, старите занаети и слични културни вредности, организирање културни манифестации.

- Спорт и рекреација - развој на масовниот спорт и рекреативните активности, организирање на спортски приредби и манифестации, одржување и изградба на објекти за спорт, поддршка на спортски сојузи.

- Социјална заштита и зашти на децата - детски градинки и домови за стари (сопственост, финансирање, инвестиции и одржување), остварување на социјална грижа за инвалидните лица, децата без родители и родителска грижа, деца со воспитно- социјални проблеми, деца со посебни потреби, децата од еднородителски семејства, децата на улица, лицата изложени на социјален ризик, лицата засегнати со злоупотреба на дрога и алкохол, остварување на право и воспитување на децата од предучилишна возраст.

- Образование - основање, финансирање и администрирање на основни и средни училишта, во соработка со централната власт, во согласност со закон, организирање на превоз и исхрана на ученици и нивно сместување во ученички домови.
Здравствената заштита - управување со мрежата на јавни здравствени организации и објекти од примарна здравствена заштита кои треба да вклучат застапеност на локалната самоуправа во сите одбори на сите здравствени организации во јавна сопственост, здравственото воспитување, унапредување на здравјето, превентивни активности, заштита на здравјето на работниците и заштита при работа, здравствен надзор над животната средина, надзор над заразните болести.

- Спроведување на подготовки и превземање мерки за заштита и спасување на граѓаните и материјалните добра од воени разурнувања, природни непогоди и други несреќи и од последиците предизвикани од нив.

Противпожарна заштита што ја вршат територијалните противпожарни единици.
Надзор над вршењето на работите од нејзина надлежност.
Други работи определени со закон.
Во согласност со изнесените надлежности како и со други надлежности доделени врз основа на правен акт, и одлуките кои што се носат од страна на општинските совети во контекст на општинските ингеренции, граѓаните своите предлози и забелешки ќе можат на лесен начин да ги доставуваат до институциите хиерархиски надредени, а тие во склоп на своите овластувања да постапуваат по нив. 



Loading





СЛЕДЕТЕ НЕ НА
Facebook   Twitter
РАЗГОВОР НА ТЕМА     |     ЛИНКОВИ     |     НПП     |     АНКЕТИ    
© Copyright 2012 | Министерство за локална самоуправа | Сите права задржани| Powered by EntireLogic